Митрополит

image

Митрополитот Брегалнички г. Иларион, со мирско име Ивица, е роден на 13. 01. 1973 година, во Куманово, од православни родители – Македонци. По завршувањето на основното образование во Куманово, во 1989 година, се запишува во Македонската Православна Богословија во Скопје, каде, покрај примерноста и набожноста, покажува посебен интерес за монашкиот подвиг. По завршувањето на петгодишното школување во Богословијата, своето образование го продолжува на Православниот Богословски Факултет во Скопје, каде и дипломира. На 09. 10. 1994 година, е потстрижен за монах, а на 10. 10. 1994 година, е ракоположен за јероѓакон во манастирот "Свети Наум Охридски" во Охрид, од надлежниот Архиереј на Дебарско-кичевската епархија Митрополитот г. Тимотеј. Во манастирот "Свети Наум" престојува 1 година, а во 1995 година, заедно со сегашниот архимандрит Партениј, го возобновуваат како првомонаси манастирот "Свети Јован Бигорски", во кој манастир на 11. 09. 1996 година, од Митрополитот Тимотеј, е ракоположен за јеромонах. Од 21. 06. 1997 година, со дозвола на старешината на Бигорскиот манастир и благослов на надлежниот Архиереј Митрополитот г. Тимотеј, заминува во Брегалничката епархија, односно во манастирот "Свети Гаврил Лесновски", каде од надлежниот Архиереј Митрополитот Брегалнички г. Стефан,е поставен за старешина на манастирот. На 28. 01. 1998 година, е произведен за игумен на Лесновскиот манастир од Митрополитот Стефан, а на 07. 04. 2003 година, во Соборниот храм "Свети Николај" во Штип, согласно одлуката на Светиот архиерејски синод на Маедонската православна црква бр. 63/03 од Митрополитот Брегалнички г. Агатангел е произведен во архимандрит. Митрополитот г. Иларион во Лесновскиот манастир покажа посебен интерес за возобновување на духовниот живот на манастирот, преку формирање на монашко братство и богослужење на круг богослужби во манастирот, кои ги пропишуваат правилата на нашата Света Православна црква. Посебно радува фактот што на богослужбите во неделните и празничните денови, манастирската црква секогаш беше и е полна со верници, кои доаѓаат на заедничко молитвословие со Митрополитот Иларион, а не е мал бројот и на верници, од помладата генерација, кои често престојуваат во манастирот, под негов духовен надзор, од кои, ако даде Бог, некои од нив, во иднина, ќе го примат возвишениот монашки чин. Митрополитот г. Иларион исто така покажа забележителни резултати во ревитализацијата на манастирскиот комплекс, обновувајќи го неговиот сјај, како на древен духовен и културен центар и направи огромни напори во возобновувањето на манастирската економија, во што има навистина видливи резултати, а посебни напори вложи во денационализацијата на манастирскиот имот, кој денес во поголем дел е вратен и се стопанисува со него.

image

Имајќи ја во предвид неговата духовна величина и севкупни резултати, по предлог на надлежниот Архиереј на Брегалничката епархија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Агатангел, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на својата седница одржана на 29. 06. 2006 година, со одлука бр. 140 го избра за епископ на Македонската православна црква, со титула Баргалски.

Наречението беше извршено на 12. 07. 2006 година, а хиротонијата на 13. 07. 2006 година, во Соборниот храм "Свети Николај" во Штип, која хиротонија е прва во овој храм од возобновувањето на Македонската православна црква, па и порано.

Со одлука на САС бр. 178 од 22. 08. 2006 година, е назначен за епахиски Архиереј на Брегалничката православна епархија, а со одлука на САС бр. 179 од 22. 08. 2006 година, има добиено Митрополитско достоинство, со титула Митрополит Брегалнички. Интронизацијата, согласно одлуката на САС бр. 180 од 22. 08. 2006 година, е извршена на 19. 11. 2006 година, во Соборниот храм на Брегалничката епархија "Свети Николај" во Штип.

Неговото место на живеење и понатаму е Лесновскиот манастир, заедно со братството.