Недела на Православието во Штип

image

Недела на Православието во Штип

На 05. 03. 2017 година, Прва Недела од Великиот Пост – Недела на Православието, Св. Лав, епископ Катански, св. свештомаченик Садок, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на Архимандритот на Лесновскиот манастир отец Дамаскин и свештеници од Брегалничката епархија, во храмот „Св. Климент Охридски“ во нас. Сењак во Штип, отслужи Света Архиерејска Василиева Литургија.

Митрополитот Брегалнички г. Иларион во своето празнично пригодно слово укажа на правилното православно живеење на луѓето, чистостата на Православието според учењето на Светите Вселенски Собори и Светите Отци, како и за прославувањето на Неделата на Православието. По тој повод Митрополитот г. Иларион зедно со свештенослужителите празнично изнесоа икони и изврши Молебен за обраќање на оние кои заблуделе и отпаднале од Православната Црква по што православниот верен народ и се поклонуваа и ги бакнуваа иконите во знак на победа на Православието и враќањето на Светите икони во употреба. ИСПОВЕДАЊЕ НА ПРАВОСЛАВНАТА ВЕРА Го исповедаме, Господи, Твоето големо и неспоредливо човекољубие и – така мислиме, така говориме, така проповедаме: Христа Вистинскиот наш Бог и Неговите Светии ги прославуваме со зборови, списи, мисли, жртви, со храмови и со икони; Него, како Бог и Владика почитувајќи Го и поклонувајќи Му се, а Светиите, заради заедничкиот наш Господ, и како Негови верни служители прославувајќи ги и оддавајќи им должно поклонение. Ова е верата Апостолска. Ова е верата на Отците. Ова е верата на Православните. Оваа вера ја утврди вселената. Од тоа, ние ги примаме и потврдуваме Соборите на Светите Отци и нивните преданија и списи, како и оние кои се во согласност со Божественото Откровение. И, иако има непријатели на Православието и отстапници од промислителното и спасоносно Откровение на нашиот Господ, сепак, Господ погледна на срамотењето на Своите слуги, зашто Он ги урна хулителите и непријателите на Православието како подмукли и бегалци. Поради тоа ги благословуваме и ги фалиме оние, кои го приклониле својот ум во послушност на Божественото Откровение, и кои се бореле за тоа, и така, следејќи го Светото Писмо и чувајќи го Преданието на древната Црква, ние ги отфрламе и проколнуваме сите кои се противат на Неговата Вистина, ако тие, додека се чека на нивно обраќање и покајание, одбијат да се покајат пред Господа. На оние кои го одрекуваат постоењето Божјо, и тврдат дека светот е самопостоечки, и дека сите твари во него настанале случајно, без Промисла Божја – нека е анатема. На оние кои велат дека Бог не е Дух, туку тело, или дека Он не е праведен, милостив, мудар, сезнаен, и други такви хули – нека е анатема. На оние кои се осмелуваат да кажат дека Синот Божји, а исто така, и Светиот Дух, дека не се едно по суштина, и дека не се со иста чест со Отецот, и кои исповедуваат дека Отецот и Синот и Светиот Дух не се Еден Бог – нека е анатема. На оние кои говорат хули, дека доаѓањето во овој свет на Синот Божји во тело и Неговото доброволно страдање, смртта и Воскресението не биле потребни за наше спасение и искупување од гревот – нека е анатема. На оние кои ја отфрлаат благодатта и искупувањето кои се проповедани со Евангелието, како единствени средства за наше оправдување пред Бога – нека е анатема. На оние кои се осмелуваат да говорат дека Пречистата Дева Марија не била Дева пред раѓањето, при раѓањето и по раѓањето – нека е анатема. На оние кои не веруваат дека Светиот Дух ги вдахновувал Пророците и Апостолите, а преку нив Нè упатува и нас на вистинскиот пат за вечно спасение и го потврдува истото со чудеса, а и сега пребива во срцата на сите верни и вистински христијани, и Ги води кон секоја вистина – нека е анатема. На оние кои ги отфрлаат сите Свети Тајни држани и пазени од страна на Црквата Христова – нека е анатема. На оние кои се одрекуваат од Соборите на Светите Отци и од нивното Предание, кое е во согласност со Божественото Откровение, и побожно е чувано од страна на Православната Соборна Црква – нека е анатема. На оние кои ги навредуваат и ги хулат светите икони, кои Црквата ги прима во спомен на делата Божји и во спомен на оние кои Му угодиле, за да оние кои ги гледаат ги вдахнат на побожност и ги поттикнат да се угледаат на нивните примери, и на оние кои велат дека иконите се идоли – нека е анатема.