Чествување на Светитот апостол Павле, Заштитник и Патрон на Виница, одликување во ставрофорско достоинство и освет на параклис

image

На 13. 07. 2010 година на празникот на Собор на 12 – те Апостоли - Павловден, во храмот Св. Архангел Михаил во Виница, Митрополитот Повардарски г. Агатангел заедно со Митрополитот Европски г. Пимен и Надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион, во сослужение на Игуменот на Лесновскиот манастир отец Дамаскин и свештеници од Брегалничката и Европската епархија, отслужи света архиерјска литургија.

На светата литургија, Митрополитот г. Иларион, по Негов предлог, а согласно Одлуката на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, го одликуваше, протојерејот Бранко Богданов – старешина на храмот Св. Архангел Михаил во Виница, во ставрофорско достоинство и му додели граден крст.

На крајот од светата литургија Надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион на Своите браќа Архиери Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Европски г. Пимен од името на верниот народ, монаштвото и свештенството на Брегалничката епархија Им подари по едно мало архиерејско облекување за да се молат за целокупниот народ во Брегалничката епархија.

По светата литургија, Митрополитите на Македонската Православна Црква г. Агатангел, г. Пимен и Надлежниот Митрополит г. Иларион, заедно со свештенослужителите, Градоначалникот на Општина Виница г. Емил Дончев, Претседателот на Советот на Општина Виница г. Мартин Павлов и многуројниот православен народ, со иконата на Светиот апостол Павле, извршија литија од храмот Св. Архангел Михаил до Градскиот Плоштад во Виница каде и го осветија ново-изградениот параклис посветен токму на Светиот Апостол Павле, Патронот и Заштитникот на Градот Виница, на кој параклис токму на овој ден пред една година беше поставен камен – темелник од старна на Митрополитот Брегалнички г. Иларион, и го благословија и пресекоа празничниот леб. По ова во Општинската зграда во салата за состаноци се одржа свечена седница по повод Патронот и Заштитникот на Градот Виница. По ова од страна на Градоначалникот и Советот на Општина Виница беше организирана заедничка трпеза на љубовта.