Прославен споменот на Светиот Гаврил Епископ Велички – Светогорец во Лесновскиот Манастир
На 12 јануари 2025 лето Господово, кога Светата Православна Црква и Лесновскиот Манастир го празнуваат споменот на Светиот Гаврил Епископ Велички – Светогорец, во Лесновската Света Обител беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Велички г. Никола во сослужение на Надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион и свештенослужители од Брегалничката епархија, а во присуство на директорката на КОВЗРГ г-ѓа Оливера Трајковска, градоначалникот на општина Штип г. Иван Јорданов, градоначалникот на општина Пробиштип г. Драган Анастасов и многуброен верен народ. Пред почетокот на Божествената Литургија, Митрополитот г. Иларион, во чин чтец го произведе Борче Павловски од Кочани. Пригодна беседа одржа Епископот г. Никола, а потоа Архиереите го благословија и пресекоа празничниот леб.

