Пристигна чудотворната икона на Пресвета Богородица Троеручица од Света Гора, од манастирот Хиландар, во Штип
На 06 јуни 2026 година, во навечерието на Неделата на сите Светии, во соборниот храм “Св. Николај” во Штип пристигна прекрасен препис на иконата Пресвета Богородица Троеручица. Иконата од Света Гора ја донесе игуменот на светата хиландарска обител, Архимандритот Методиј.
Иконата беше пречекана од Надлежниот Архиереј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитите Кумановско-осоговски г. Григориј, Австралиско-новозеландски г. Никола, свештенослужители и монаси од Брегалничката епархија и многуброен верен народ. Од соборниот храм “Св. Николај” со Литија иконата беше однесена во храмот “Св. вмч. Димитриј” во Ново Село, Штип, каде што беше отслужен Молебен канон и Акатист кон Пресвета Богородица. Потоа Архиереите, свештенослужителите и многубројниот верен народ се поклонија на иконата. Иконата ќе биде постојано во храмот “Св. вмч. Димитриј” во Ново Село, Штип, и сите верници кои сакаат да се поклонат и помолат пред чудотворната икона на Пресвета Богородица Троеручица се добредојдени. Пресвета Богородице спаси нас!

