Торжествено прославен празникот на Светиот Николај во градот Штип
На 19 декември 2024 лето Господово, на празникот на Светиот Николај Мирликиски Чудотворец, кој е заштитник на Брегалничката Православна Епархија и на градот Штип, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан отслужи Света Архиерејска Литургија во сослужение на надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Европски г. Пимен, Епископот Стобиски г. Јаков и свештенослужители на МПЦ – ОА, во соборниот епархиски храм “Св. Николај” во Штип. Пригодна беседа одржа Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан. На Светата Литургија присуствуваше многуброен православен народ кој со искрена вера дојде да се помоли и поклони пред моштите на светиот Николај Чудотворец кои беа донесени од манастирот Св. Гаврил Лесновски на поклонение во Штип. А по завршувањето на Божествената Литургија, Архиереите заедно со Градоначалникот на Општина Штип г. Иван Јорданов, директорката на КОВЗРГ г-ѓа Оливера Трајковска, свештенослужителите и многубројниот православен народ, извршија Литија од соборниот храм Св. Николај до градското шеталиште “Ванчо Прќе” во Штип, каде го благословија и пресекоа славскиот колач.

