Освет на камен темелник за изградба на црква посветена на Покровот на Пресвета Богородица во Ново Село – Штип

image

На 01. 08. 2012 година, на празникот препод. Макрина; препод. Диј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на свештеници од Штип, а во присуство на голем број православен народ, помеѓу кои и Градоначалникот на Општина Штип, Претседателот на Советот на Општина Штип и други јавни личности од општинските структури, освети и постави камен темелник за изградба на храм посветен на Покровот на Пресвета Богородица во Ново Село – Штип, на локација која претставува имот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, каде според преданието пренесувано од жителите на Ново Село, некогаш, во непосредна близина постоела црква, која од непознати причини била срушена .

Изградбата на црквата претставува посебен прилог во одбележувањето на 45 годишниот Јубилеј на нашата Света црква и ќе биде дар на нашиот македонски православен народ и на нашата света Македонска православна црква – Охридска архиепископија од ктиторот г. Сашко Миладинов со неговата сопруга Весна и нивните рожби Љупка и Марина.

По својата архитектура црквата ѓе биде иста како и црквата „Свети Архангел Михаил“на Исарот и ѓе се гради по проект изработен од познатиот архитект Јоцо Лонгуров од Штип, а изведувач на градежните работи ѓе биде познатата тајфа на мајстори каменоресци Македонци од с. Шулин – Мала Преспа, под раководство на мајстор Петре.